Огнената група “влезе“ во ДУИ – Џафери: И противниците ќе се согласат дека е за доброто на партијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На прашањето дали ќе останат Огнена група, вчера новоизбраниот потпретседател на ДУИ, Изет Меџити не зборуваше, ниту одговори, само се насмевна.

Денеска се обидовме да добиеме став од него дали ќе продолжат со барањето за разрешување на Артан Груби од функцијата прв вицепремиер, но не добивме никаков одговор.

Од внатрепартиски извори, ТВ21 дознава дека Огнената група останува на барањето за разрешување на Артан Груби и уште еден министер, преку надзорниот совет и партиското раководство.

Го прашавме и првиот вицепремиер, Груби, но не одговори на прашањето дали е подготвен сам да си поднесе оставка се со цел да не се продлабочи кризата во партијата. Според изворите, има шанси ова да се случи во случај Али Ахмети да не постигне компромис со Огнената група.

Функцијата на Груби во ДУИ беше организационен секретар, а сега  е само член на раководството. На негово место дојде Блерим Беџети, дел од Огнената група. Портпаролот  Бујар Османи оваа рокада ја гледа како унапредување на Груби.

Извори на ТВ21 од Интегративците  посочуваат дека претседателот Али Ахмети првично бил решен да не ги исполни барањата на незадоволните и дека функција во раководството  треба да добие само Изет Меџити, но тоа не било прифатено од Меџити, кој очигледно по расправиите и  аргументите , го натера Ахмети да направи отстапка, а во највисокото тело да ги предложи и Блерим Беџети и Саранда Имери, која е позната како личност блиска до Невзат Бејта, исто така еден од револтираните Интегративци. Ова негово влијание се толкува  и како „враќање“ на Невзат Бејта, кој очигледно успеал да отстрани два предлози од гостиварскиот огранок за високи позиции, Арта Биљали-Зендели и Ваљдет Џафери.

Запрашан дали со овој нов  состав на новото раководство во партијата подобро ќе се артикулираат барањата на „Огнената група“, Муса Џафери одговори:

-Мислам дека ние, група во партијата, партиски функционери, го кренавме гласот гледајќи дека ДУИ има големи дефекти во внатрешната организација и беше потребно да се формираат органи и да се носат одлуки колективно, да се бара отчет и верувам дека и тие што беа противници на оваа таканаречена „огнена“ група ќе се согласат дека почитувањето на правилата во партијата е во  интерес на партијата, вели Муса Џафери, член на Надзорниот совет на ДУИ.

Во јавноста  на вчерашните случувања се гледа како на победа на „огнената група“ во ДУИ.

-Прво и неспорно кога ќе се види конечниот резултат на органите, решението и целиот процес е политичката реинкарнација на Муса Џафер, враќање на позицијата каде што ќе биде одлучувач. Вториот процес беше дека „огнената група“, на незадоволните кои работат внатре во партијата, или работат од надвор и го иницираа сето тоа, се позиционираа на доста добри позиции и тоа остава простор да се очекува дека во иднина ќе има натамошни дебати кои ќе бидат остри и очекувам дека ќе предизвикаат промени во јавните функции како и во ДУИ, коментира политичкиот аналитичар, Сефер Селими.

Извори од ДУИ укажуваат и на несогласување меѓу Али Ахмети и Огнената група, тоа е затоа што лидерот на Итегративците покажа загриженост за писмото на незадоволните, бидејќи писмото првично беше упатено до медиумите, а не до него. Во наредниот период останува да се види дали ќе има или не поддршка за „огнената група“ во рамките на Синиот штаб.