Охрид на прво место по запленета дрога – се поголема употребата на наркотици во југозападниот регион

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Употребата на наркотични средства е загрижувачка појава во западниот дел на земјата.  Само во текот на ова година, во Охрид се фатени 35 лица со дрога. Охрид е на прво место според најголема  запленета количина на дрога.

„Во текот на годината се запленети 100,782 грама марихуана, 4 грама кокаин, 1247 стебла  и 33 семки од канабис. 379,5 мл масло од канабис, 394 таблети метамфетамин и мала количина на хашиш, метадон, мешана марихуана со тутун и смола од хашиш. За приведените лица се покренати вкупно 35 кривични пријави“, истакна Стефан Димовски.

Појавата на употреба на дрога стана се поприсутна за време на пандемијата. Преземени се повеќе полициски акции за приведување на дилери и корисници на дрога. Младите се најчести корисници на наркотици и главно се фатени со марихуана, хероин и кокаин, покажуваат податоците на Секторот за внатрешни работи.

Психологот Вала Адили смета дека тоа доаѓа како резултат на недостатокот на социјален живот кој е важен за формирање на идентитетот.

„Тоа е голема криза со која се соочуваат младите на оваа возраст. Реално тие немале можност да реализираат ништо од тоа што имаат потреба на таа возраст. Велам дека тоа е прашање на изолација и зависноста е форма на живеење. Тоа можеме да го разбереме ако на тоа повеќе гледаме како траума или однос кон нешто или некого, отколку како лична одговорност“, посочи Вала Адили.

Загрижувачка е состојбата во градот Кичево каде за една година за наркотици биле уапсени 47 лица, претежно млади. Од СВР Кичево велат дека во текот на годината се запленети 1534,48 грама марихуана, 716,91 грама хероин, 5,71 грама кокаин, 5 стебла и 39 семки од канабис и помали количини на метилен диоксиметамфетамин, метадон, хашиш и мешана марихуана со тутун.

Психологот Адили вели дека за ваквата појава не треба да се обвинуваат само младите бидејќи, како што вели, од младите се бара многу а им се дава малку.