ОЈО Скопје постапува за расчистување на пукањето во Ѓорче Петров

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе писмено известување за настанот што се случи на 01.03.2021 година, околу 16 часот, на улица „Борис Сарафов“ во Скопје, кога од патничко моторно возило Голф 5 без регистарски таблици беше пукано со огнено оружје кон автомобил Мерцедес со скопски регистарски таблици, управувано од лице од с. Горно Свиларе, при што возачот на Мерцедесот се здобил со прострелна рана во левата натколеница.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесеното писмено известување, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување краткораен притвор од 48 часа против едно лице, косовски државјанин. Ваквата мерка беше побарана со цел да се обезбедат докази за евентуална инволвираност на тоа лице во кривично-правниот настан. Предлогот на јавниот обвинител беше прифатен и на лицето со решение му е определен краткотраен притвор од 48 часа.

За истиот настан, уште едно лице беше лишено од слобода, но тоа лице е пуштено, бидејќи од МВР не беа обезбедени и приложени докази за негова инволвираност.

Надлежниот јавен обвинител денеска издаде повеќе наредби за вештачење на биолошки траги, на чаури од испукани куршуми и други наредби за обезбедување докази. Од добиените резултати од наредените вештачења зависи дали ќе се потврди директната инволвираност во настанот на лицето за кое беше определен краткотраен притвор.

По изготвување на овие вештачења, согласно Законот за кривична постапка, Обвинителството ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката.​