-Бидејќи вака било, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Ние сме за заштита на легитимноста и око не ни трепнува бидејќи имаме право, за нашиот труд, вели Али Ахмети, Европски фронт.
Ова беше реакцијата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, но и на целиот Европски фронт, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ наредните денови ќе ги започне преговорите со коалицијата ВРЕДИ, а во јавноста почнаа и објавувањето на ресорите за кои се договориле. Сите лидери на деветте политички партии на Европскиот фронт заедно испратија порака дека од денеска ќе излезат со конкретни дејствија за да се спречи како што велат злоупотребата на легитимитетот за застапеноста на Албанците.
-И 80 години да сме опозиција прашањето за Албанците да напредува и да нема Албанци кои го предаваат народот. Ова е главното прашање за нас, а не дали ќе бидеме или не. Ние не се бориме за власт, туку сакаме стабилна, мирна, безбедна и функционална држава со добри меѓуетнички односи, вели Али Ахмети.
Од ЕФ не кажаа конкретно какви дејствија ќе преземат, но истакнаа дека навреме ќе ја известат јавноста за тоа.
Од друга страна Биљал Касами од ВРЕДИ, истакна дека доколку Али Ахмети навистина сака да ја има легитимноста на Албанците тогаш треба на следните избори да излезе само со пратеници Албанци и да не прави коалиција со партии од другите етнички заедници.
-Убедени сме и сигурни дека коалицијата ВРЕДИ е единствениот легитимен застапник на Албанците. Не може Али Ахмети да се излезе со мултиетнички листи и да се натпреварува во друга лига а не во лигата во која бевме ние, а потоа да се врати и да каже дека сум победник во лигата каде што не се натпреварувал. На следните избори Али Ахмети треба да се излезе со албански листи, во коалиција со партии или сам каде што ќе има претставници на албански партии и потоа да се обиде да добие легитимитет, вели Биљал Касами од ВРЕДИ.
Двете коалиции тврдат дека имаат легитимитет да ги застапат Албанците на власт, но сепак ВМРО-ДПМНЕ одлучи да започне разговори за формирање Влада со ВРЕДИ, со образложение дека секако на нив останува да преговараат со опозициските партии.