Околу 100 куќи поплавени во Кичево – се врши проценка на штетата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Околу 100 објекти се погодени од поплавите кои се случија во понеделникот во Кичево. Најпогодена населба е Прилепска која се наоѓа до раката Зајаз, но и неколку други населби. Од Дирекцијата за заштита и спасување во општина Кичево беа на терен за да ги евидентираат штетите, а велат дека најоштетени се куќите без изолација и тие кои се изградени со слаб материјал.

„Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди и други несреќи во Општина Кичево, веднаш по непогодата излезе на терен да ја констатира фактичката состојба, и во наредните денови да може да го посети секое домаќинство и да ја утврди настанатата штета. После извршената процена на штета комисијата ќе изработи Извештај и ке го достави до Советот на Општина Кичево на разгледување и усвојување. Усвоениот Извештај ќе биде испратен до Комисијата што ја формира Владата“, посочи Игор Пејовски.

Од Регионалниот центар за управување со криза во Кичево, велат дека како и секогаш најпогодена од поплавите е населбата Прилепска.

Сите жители кои беа евакуирани во спортската сала „Ивандол“ се вратија во нивните домови. Реката Зајаз и Треска кои поминуваат до кичевските населби и села секогаш на есен и зима претставуваат ризик за жителите.