Окрупнување на земјиштето за поконкретно земјоделство – ЕУ и ФАО со 1,2 милиони евра ќе ја помогнат консолидацијата во Северна Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Расцепканоста на земјишните парцели е проблем за македонскиот аграр да биде конкурентен на европските пазари. Земјоделците имаат ограничен обем на производство со зголемени транспортни и произвдоствени трошоци. За таа цел Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготови планови за консолидација на земјоделско земјиште во 9 подрачја во државата со што ќе бидат опфатени 4.700 хектари земјоделско земјиште.

„Овие активности ни се потребни се со цел да се подобри структурата на земјоделското земјиште, за да се подобри пристапот до инфраструктурата, технологиите, до пазарите истовремено зачувувајќи ја животната средина за идните генерации“, вели Љупчо Николовски.

Шефот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, ја истакна важноста на консолидацијата на земјоделското земјиште за заштита на животната средина.

„Земјиштето е уникатно во можноста да биде извор но, и да ги прима емисиите. Консолидацијата на земјиштето ќе служи на оваа двојна цел преку производство, консумирање на соодветна храна и одржливо користење на дрвните ресурси од шумите и истовремено обновување на виталните еко-системи“, порача Дејвид Гир.

Заменик-регионалниот претставник за Европа и Централна Азија на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, Набил Ганги рече дека во време кога светот се соочува со криза и недостиг на храна, многу е важно да се вложува во малите семејни фарми затоа што тие ги задоволуваат потребите за храна за 80 отсто.  

„Подобрувањето на структурата на земјоделското земјиште ќе ја подобри продуктивноста, развојот и отпорот и тие се во срцето и суштината на „Маинланд“ проектот од неговиот почеток во 2017 година“, додаде Набил Ганги.

На денешниот настан, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го промовираше продолжението на консолидацијата преку нов проект во вредност од 1,2 милиони евра, финансиран од Европската Унија, а ќе го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации до јануари 2026 година.