Војската на Мјанмар ја ограничува клучната хуманитарна помош за луѓето погодени од земјотресот во областите каде што има противење на владеењето на хунтата, соопшти денеска Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права.
Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права, исто така, соопшти дека истражува 53 пријавени напади на хунтата врз нејзините противници по земјотресот на 28 март, вклучително и воздушни напади, од кои 16 беа извршени по прекинот на огнот на 2 април, објави Ројтерс.
Канцеларијата, како што соопшти, денеска била информирана за уште осум напади, кои почнала да ги истражува.
