Помина веќе еден месец откако учениците и студентите следат онлајн настава. Секој факултет има свои тешкотии во реализацијата на онлајн наставата. Сухејра Аземи, која студира логопедија, вели дека наставата на далечина го отежнува процесот на одржување вежби. Предавањата почнаа со две недели задоцнување поради појавата на коронавирусот.
„Реално часовите кои ги држиме сега, се само предавања, а делот со вежбите не сме го почнале и не верувам дека ќе можеме да ги одржиме онлајн, бидејќи е невозможно кога работиме со деца кои не можат да се изразат, и на традиционалните предавања кога одржуваме вежби не се дозволува да има повеќе од 5 лица.“, рече Аземи.
Зенелабедин Љатифи, студент на германски јазик вели дека инлајн предавањата се добри, тој дури смета дека во иднина изборните предмети на факултетите треба да се одржуваат онлајн.
„За мене нема големи тешкотии, има за некои предмети меѓутоа се е во ред и ќе успееме овој семестар. На пример сега сме трета година, во 6 семестар имаме историја на германскиот јазик. Тоа е малку тешко да се прави онлајн, и синтакса како и некои други потешки предмети“, вели Љатифи.
Универзитетската професорка Елизабета Бајрами, вели дека за кратко време се смениле многу работи и овој нов начин на онлајн настава е новата реалност за целото образование. Таа вели дека тешкотијата која се појавила на почетокот се однесувала на недостиг на паметни телефони кај студентите.
„Друга тешкотија во предавањата во високото образование е во врска со начинот на оценувањето. Тоа е елемент кој се разликува од формалното образование и тешко е да се реализира. Ќе биде тешко да се одржи тестирање онлајн но и за нас како наставници ќе биде тешко бидејќи не сме аплицирале порано.“, рече Бајрами.
Таа додаде дека онлајн наставата е предизвик за двете страни, и за студентите и за професорите, а исто така вели дека за време на онлајн наставата нема гаранција дека студентите реално ја следат наставата.
