Онлајн плаќање на казни од „Safe City“ за странците – 8 шалтери на Табановце, но сѐ уште има жалби за долги чекања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Два дена по големиот метеж овде на граничниот премин Табановце, третиот ден изгледа малку порелаксирано, бидејќи по четирите шалтери кои функционираа два дена, од денес функционираат осум шалтери за плаќање на сообраќајните прекршоци на странски државјани, кои транзитирале или престојувале во Македонија. Но, многу од нив се жалат дека онлајн апликацијата не функционира и има големи доцнења при чекањето на 40°C за да ги платат казните“, вели новинарот на ТВ21, Аднан Ќаили.

На третиот ден од спроведувањето на плаќањето на казните на Табановце од странски државјани кои се регистрирани од камерите на „Safe City“, во употреба е ставена и апликацијата за онлајн плаќање. Но, многу од странците се жалат на проблеми со функционирањето на апликацијата и на недостиг од терминали за директно плаќање на шалтер со банкарска картичка, што ги принудува да одат во најблискиот град, во овој случај Куманово, за да платат доколку апликацијата не им функционира.

– Во секоја нормална земја би ја испратиле казната на домашната адреса. Тука никој нема ПОС-терминал, никој ништо не знае! Од денес имате апликација за онлајн плаќање! Но, не работи, ја преземавме, но не функционира! Не е нормално во 2026 година да се чека на 40°C. Знам дека не сте во ЕУ, но треба да направите нешто бидејќи не е нормално да се стои тука! – вели граѓанка од Унгарија.

– Не знам што се случи, само ни ги зедоа пасошите и сега чекаме како луди овде на границата! На 40°C и повеќе жештина, ова е надвор од логиката, вели граѓанин од Србија.

Новинар: Што ви велат?

Граѓанин од Србија: Направивме прекршок, во ред, но стави картичка, плати и нека не чекаат сите овие луѓе како луди.

– Јас сум од Романија, чекам да ја платам казната иако бев многу внимателен на патот, но можеби само еднаш сум ја надминал границата за 6 км/ч, претпоставувам дека од таму ми е казната, вели граѓанин од Романија.

Новинар: Дали имате некаква забелешка овде?

Граѓанин од Романија: Да, да се стои на оваа жештина со мали деца не е во ред!

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од денес се отворени 8 наплатни места на граничниот премин Табановце и дека тоа значително го намалило времето на чекање за плаќање на казните. Од МВР со објаснување како може да се плаќа онлајн.

– Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани од системот „Safe City“, да имаат пристап до уплатниците за казните, како и електронски да ги платат долговите. Откако ќе се најави во апликацијата, возачот треба да го фотографира, односно да го скенира возачкиот документ, да ја внесе регистарската табличка на возилото што го управувал во нашата држава и на тој начин странските државјани кои се евидентирани за сообраќајни прекршоци на територијата на нашата држава ќе можат да бидат информирани во реално време, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреев.

Со паметните камери при влезот на граничниот премин се читаат регистарските таблички на возилата и од страна на граничните контроли се запираат само оние возила кои направиле сообраќаен прекршок. Оние кои немаат направено прекршок се пропуштаат без контрола. Оваа база на податоци ги евидентирала сите прекршоци од 1 февруари, кога стапи во сила системот „Safe City“, а се применува од 19 август, најпрво на граничниот премин Табановце, а потоа ќе се прошири и на останатите премини, со цел да се запре секое странско возило кое направило сообраќаен прекршок.