Опаѓа бројот на хоспитализирани во Тетово – само 12 здравствени работници се во изолација или заразени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Клиничката болница во Тетово хоспитализирани се 20 заразени пациенти, а само двајца од нив со тешка клиничка слика. Ова значи дека новогодишните празници и доаѓањето на печалбарите не донесе нов бран на заразени. Во амбулантата на ковид-центарот дневно доаѓаат по 30 пациенти кои се сомневаат дека се позитивни на Ковид-19, вели координаторот на ковид-центарот при Клиничката болница во Тетово, Гзим Нуредини. 

„Сега во моментов имаме 20 хоспитализирани пациенти, од кои повеќето се во стабилна состојба. Двајца пациенти се во потешка состојба со разни компликации, но поголемиот број од нив се со лесна клиничка слика“, истакна Гзим Нуредини.

Општина Тетово има најголем број хоспитализирани пациенти, а од медицинскиот кадар има само 12 лица кои се во изолација или заразени со Ковид 19 што во моментов не претставува недостиг на медицински кадар во Тетово.

„Врз основа на пациентите кои ги имаме, најголем број се од општина Тетово. Сега имаме најмал број, некаде околу 12 кои се во изолација или се позитивни со лесни симптоми така што немаме проблем со заразен персонал“, посочи Гзим Нуредини.

Во Клиничката болница во Тетово во моментов има околу 70 легла. Во Тетово започна да се гради и монтажна болница за Ковид која се уште е во почетна фаза каде се предвидени 55 кревети и лабораторија.