Османи гледа добра шанса во јуни, нема пречки техничката влада на Бугарија да даде зелено светло

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако рече дека јуни е најдобрата шанса на Македонија да ги почне преговорите со Европската унија, сепак во однос на претходните настапи овој пат министерот за надворешни работи Бујар Османи како да го спушти оптимизмот кога рече дека не е добро многу да се надеваме.

Според него за деблокада на евроинтеграциските процеси од страна на Бугарија потребни се и големи и мали чекори од двете страни. Техничката влада на Бугарија ја оцени како поконструктивна со која може да се води дијалог, а португалскиот предлог го оцени како добра основа за преговори.


„Формално-правно нема никаква пречка Република Бугарија да дозволи организирање на Меѓувладина конференција врз основа на веќе донесена политичка одлука од март минатата година. Не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните, бидејќи во неколку наврати бевме сведоци дека овој процес се покажа како мошне комплексен. Меѓутоа се уште сметам дека јуни е најдобриот прозорец на можности“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.


Османи ова го изјави по дебата на панелот Патот до Преспа форумот на која учествуваше и Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи во Софија, која истакна дека националистичката реторика не е добра.


„Фактот дека ВМРО изгуби во Бугарија на последните избори, исто така и платформата која беше чисто националистичка и беше обид да го капитализира со ветото во однос на Северна Македонија и тие изгубија“, посочи Весела Чернева, заменик директор на ЕЦФР.
На форумот зборуваше и грчкиот професор Јанис Армаколас кој рече дека Македонија премногу чека да ги почне преговорите и дека направи многу компромиси со соседите за да ги почне преговорите.