Сега е извесно дека во трката за Претседател влегоа двајцата кандидати Албанци, Бујар Османи од ДУИ и кандидатот од опозицискиот блок ВРЕДИ, Арбен Таравари. Тие успеаја да ги соберат потребните 10.000 потписи.
-ДУИ е задоволна и благодарна за масивниот одѕив на граѓаните за масовна поддршка на кандидатурата на докторот Бујар Османи за Претседател. Од вчера, официјално Бујар Османи е првиот и единствен кандидат за изборите на 24 април-рече Арбер Адеми.
Блиску до собирање на потребните 10.000 потписи е лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски со 8.400 собрани потписи. Според последните официјални податоци што ги објави ДИК, до вчера вечер другите кандидати успеале да соберат волку потписи:
Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 6.237 потписи и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 4.718 потписи. Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 696, кандидатот Вело Марковски 682 потписи, Ѓорѓи Манасков – 186, Зорица Цветковска – 99, Господин Попоски има 19 потписи. Според податоците од ДИК, во овие четири дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
