Ненајавената средба на Османи со неговата бугарска колешка Захариева што се случи пред три дена во Софија била искористена единствено за разговор околу усогласувањето на Акцискиот план, тврди шефот на македонската дипломатија. Откако ќе се заврши усогласувањето ќе може да биде одржана меѓувладината средба.
„За одржувањето на меѓувладината седница на Комисијата која што ја раководат двајцата министри потребен е годишен извештај од Комисијата за историски прашања и Акцискиот план. Мислам дека во делот на Акцискиот план сме речиси готови, последно е усогласување на прашањето на роковите. Останува прашањето дали Комисијата за историски прашања ќе може да даде еден годишен извештај за нивната работа без да се прејудицира успехот во работата на Комисијата“, вели Бујар Османи – министер за надворешни работи.
Министерката Захариева веднаш по одржувањето на средбата со Османи потврди дека е разговарано за Акцискиот план, но не пропушти да упати забелешки не само за работата на Комисијата туку и за македонските политичари.
„Зборувавме за тоа дека не само што нема напредок, туку има отстапувања, навистина така е. По тие пет личности за кои сме се договориле. Не знам каква претстава имате за Европска унија, но таа не функционира како Југославија, таа работи на друг принцип. Имавте претстава дека можеби некој ќе ја притисне Бугарија, и многу пати ви кажав дека тоа нема да се случи“, вели Екатерина Захариева – МНР Бугарија.
Османи одбегна да го прокоментира обвинувањето за отстапки во преговорите на Комисијата за историски прашања. Само рече дека не може секогаш да се очекува дека ќе има напредок во овие средби. Османи истакна дека сега комуникацијата меѓу двете страни треба да се врати на начелата на Договорот.
„Не секогаш на секоја средба на комисиите може да се очекува некој спектакуларен резултат. Затоа е интенцијата да овие средби бидат почести за, доколку нема на едното да има на следното. Имало делумен прогрес вчера во усвојување на Записникот, разговарано е отворено, конструктивно но не е постигнато одредено усогласување за прашањата, за препораките во делот на учебниците“, додава Османи.
По дводневните разговори, членовите на Мешовитата комисија за историски прашања не постигнала напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а не била постигната и согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Иако било на дневен ред Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев.
