Не се потребни законски измени и ова прашање не треба да се регулира преку нив, изјави потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, во врска со тоа правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Во „Клик Плус“, Османи изјави дека доколку се регулира со законски измени, автоматски се создава преседан секој проблем и секое прашање да се решава на овој начин.
„Кога го усвоивме Законот за јазици, кој се базира на амандманот 7 од Уставот, кажавме дека сите закони во рок од 12 месеци по усвојувањето треба да се усогласат. Ако не се усогласат во рок од 12 месеци, автоматски доминира Законот за јазици. Повеќе не е важно дали имате друг закон што не го предвидува албанскиот јазик, бидејќи овој закон е универзален и општ и сите други закони паѓаат под него“, порача Бујар Османи.
Од друга страна, вицепремиерот Беким Сали соопшти дека група експерти работи на случајот и дека не сакале да интервенираат додека процесот е во тек, оставајќи им го решавањето на проблемот, по што ќе понудат конкретен предлог.
„Работат, утре ќе има и координациска средба и се надевам дека по неа ќе почнеме да ги конкретизираме следните чекори како ќе се постапува понатаму. Природно, го повторив неколкупати дека со ова прашање се занимаваат експерти по уставно право, така што ние како политичари не треба да се мешаме во процесот, им го оставивме во нивни раце и тие ќе го решат проблемот“, вели Беким Сали.
Инаку, помина еден месец откако се одржа протестот на студентите, кои бараат правосудниот испит да може да го полагаат и на албански јазик. До сега нема решение за ова прашање од надлежните институции, освен изјавите дека се работи на тоа. Студентите не ја исклучуваат можноста за нов протест.
