Попова Шапка ќе ја земе оној со најдобра понуда, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој објаснува дека давањето на Шапка со јавно-приватно партнерство сѐ уште не завршило и дека инвеститорот ќе биде избран според најдобра понуда.
„Оние што ќе ги исполнат условите, оние кои ќе имаат најдобра понуда ќе ја земат концесијата за Попова Шапка. Јас вчера реков дека во моите дипломатски активности секаде ја промовирам Попова Шапка како важен потенцијал за инвестирање, но и како регионски пристап заедно со Косово. Кој ќе биде добитникот, ќе видиме на крајот на процесот кој ќе биде транспарентен“, посочи Османи.
Колегата на Османи, Крешник Бектеши со поинаква изјава. Тој рече дека инвеститорот е познат, но дека во моментов не смее да го открие неговото име. Додава дека станува збор за сериозна компанија која управува со ски-центрите во Европската унија.
„Добивме конкретни понуди од добро позната компанија која управува со ски-центри во ЕУ. Ние ќе го разгледаме нивниот предлог и откако ќе завршат преговорите, во потребниот момент кога ќе одлучи и компанијата која е заинтересирана, секако дека ќе го откриеме и името на потенцијалниот инвеститор во Попова Шапка“, додаде Бектеши.
Реагираат од Алијанса за Албанците:
„Попова Шапка и понатаму се уништува! Ништо се нема променето. Владеењето ВМРО-ДУИ планираше инвестиција и креирање ски-центар на планината Кожуф. Која е логиката за отворање нови ски-центри, кога оние постоечките се уништуваат поради неинвестирање? Во меѓувреме, Бујар Османи продолжува со своите екскурзии низ светски луксузни центри“, реагираа од Алијанса за Албанци.
Инаку, од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ велат дека сѐ уште не завршил процесот на одвојување на компанијата „Елем Турс“ која во моментов функционира под „АД ЕСМ“. Ги повикуваат надлежните институции да дадат одговор и поддршка за иницијативата околу одделувањето на фирмите, поради тоа што се отежнува развојниот процес на овој атрактивен ски-центар.
