Османи повторно ја повика кандидатката за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на дуел, за, како што рече да ги соочат аргументите и фактите на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за 61 пратеник кое, како што истакна е концепт на супремација кон другите етнички заедници. Османи обвини дека на овој начин се води еден вид хибридна кампањата за дискредитација на институциите. За жал на овие избори се води една невидена црна кампањата со навреди на личности и институции, оцени Османи.
„Оваа кампања на минирање и дискредитирање на институции и личности, а не фокусирање на понудите и на програмата всушност е дел од хибридната војна за минирање на довербата во институциите и затоа реков дури и институциите треба да се занимаваат со сите овие дискредитации и црна кампања што се случува од опозицијата. Го повикувам промоторот на алтернативата за изолација и исклучување преку 61, да дојде на дебата да ги соочиме аргументите за да граѓаните донесат одлука“, порача Бујар Османи.
Силјановска по овој втор повик со одговор на својот профил на Икс, наместо дуел бара да се одржи дебата со сите претседателски кандидати
„Сега слушам Бујар Османи фрлил ракавица и ме предизвикува на двобој. Замислете што му е најважно? Сертифицирани да биле политичарите. А, кој го дава сертификатот? Вие, граѓаните, народот! Е, па, да видиме дали ќе добие сертификат. Нека дојде на дуел со сите, па да видиме кого ќе го сертифицираат во предиграта, во премиерата, па за да знаеме што ќе се случува во вториот дел од политичката игра“, порача Гордана Силјановска Давкова.
Се чини дека во оваа втора половина од кампањата на претседателските кандидати реториката станува се поостра, во која не се штедат ниту обвинувања ниту навреди. Од ВМРО-ДПМНЕ упатија барање за извинување од Пендаровски поради тоа што на неговата кампања во Куманово од дел од присутните граѓани имало навредливи зборови за Силјановска.
„Пендаровски Стево нарачува говор на омраза и говор на мизогинија. Бесрамниот Пендаровски Стево е должен да и се извини на професорката Гордана Силјановска Давкова затоа што нарачува говор поврзан со нејзиниот пол и со нејзината возраст. Бесрамниот Стево Пендаровски мора да се извини веднаш“, вели Драган Ковачки.
Но додека од ВМРО-ДПМНЕ се бара да се престане со ширење омраза нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова со навреди и кон Пендаровски и кон Ковачевски. Сега пак од СДСМ бараат извинување од Силјановска.
„Кандидатката на опозицијата, Гордана Силјановска треба да се извини за навредите кон Пендаровски и Ковачевски. Во недостаток на план и програма, Силјановска е целосно во матрицата на ДПМНЕ и упатува навреди кон Пендаровски и Ковачевски.Личните дискредитации за прекари со женски род, навредите за интелектуални капацитети искажани од Силјановска не доликуваат ниту на професор ниту на политичар“, вели Даниела Николова.
Кампањата за претседателските избори од првиот круг трае уште 9 дена, но се чини дека како наближува и почетокот на кампањата на парламентарните избори, црната кампања, навредите и дискредитациите се повеќе ќе бидат присутни и ќе се заоструваат.
