Остануваат длабоките политички разлики – „Илинден“ и Пендаровски не ги смирија политичарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем дел од лидерите на политичките партии, нема да го удостојат со присуство претседателот на државата Стево Пендаровски на централната манифестација за одбележување на „Илинден“ во Крушево.

„Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Христијан Мицкоски

Вака ја нарече организацијата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а утре ќе биде традиционално во Ташмаруниште, каде во 10 минутен говор ќе кажел се што има да каже.

„А што се однесува до овој нов начин на импровизирано чествување на најголемиот празник, ова што денеска се случува е класична импровизација и што имам да кажам поврзано со ова, ќе го кажам во мојот десетминутен говор утре во Ташмаруништа“, посочи Христијан Мицкоски.

Со остра реакција веднаш од Вила Водно.

„Претседателот Пендаровски е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“. Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“, посочи Кабинет на претседателот Пендаровски.

Пендаровски ги покани во Крушево лидерите на сите политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села бил надвор од државата и поради тоа не е во можност да присуствува.

Во рамките на централната свеченост, како што објави Пендаровски, пригодна реч ќе има Никола Ристановски со пораки за Илинден. На свеченоста ќе настапат ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот за албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и воениот оркестар на Армијата.

„Утре на Мечкин Камен ќе оддадеме почит на Илинденците коишто загинаа во одбраната на Крушевската Република“, посочи Стево Пендаровски.

Инаку за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути.

Годинешното одбележување на најголемиот државен празник се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.