Остри реакции за предлозите на Љубчо Георгиевски – „Да го врати македонското државјанство и да се извини“, вели Димитриевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Остри реакции и осуди предизвика таканаречениот Акциски план за решавање на спорот со Бугарија на претседателот на ВМРО-Народна Љубчо Георгиевски. Предлозите кои ги изнесе Георгиевски всушност се сите оние барања на кои Бугарија инсистира а кои директно задираат во идентитетските прашања. Тој предлага Македонија да даде гаранции дека нема претензии кон Источна Македонија, што подразбира Пиринскиот дел во Бугарија, како и дека нема да го помага македонското малцинство во Бугарија. Понатаму бугарскиот парламент во декларација да изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани по 1944 година. Георгиевски се залага и за промена на стратегијата на историските комисии. Академик Катица Ќулавкова на ова реагираше дека Георгиевски застанал во одбрана на бугарскиот културен и државен хегемонизам.

„Бившите премиери и министри на Република Македонија, кои даваат предлози за решавање на македонско-бугарскиот спор и притоа го бранат бугарскиот културен и државен хегемонизам се срам и зло не само за Македонците, туку и за целиот цивилизиран свет“, вели Академик Катица Ќулавкова.

Кумановскиот градоначалник од редовите на СДСМ Максим Димитриевски, предлозите ги нарече срамни и понижувачки. Побара Георгиевски да се откаже од македонското државјанство и да се извини на целиот македонски народ, а го повика и Јавното обвинителство да отвори случај за уривање на уставниот и државниот поредок. За изнесените ставови на Георгиевски од СДСМ велат дека тоа се негови лични ставови и дека партијата нема никакви допирни точки со нив.

„Нашите ставови се различни од изнесените ставови на господинот Георгиевски. СДСМ останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање. Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање решение, меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Ниту се разговарало, ниту во иднина ќе се разговара на оваа тема“, вели Марија Георгиевска од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат дека зад идеите на Георгиевски всушност стоел премиерот Заев.

„Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Заев пуштена преку Љубчо Георгиевски македонската нација е новосоздадена. Внимавајте, ова се опасни тези кои нанесуваат штета за националните и државните интереси. Мора да потенцираме на крај дека ова е предавничка политика на Зоран Заев и сите останати привезоци околу него во континуитет која што се случува изминативе неколку години“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова не е прв пат Георгиевски да настапи со контроверзни тези за важни актуелни теми во земјава. Јавноста ја памети неговата колумна во која тој изнесе тези за размена на територии и население, поточно разграничување меѓу Македонците и Албанците.

https://youtu.be/Am6x1b26b0k