По 20 дена, почна остранувањето на барикадите поставени од етничките Срби на северот на Косово. Прво неше остранета барикадата која беше поставена на 2 километри од граничниот премин Мердаре, а сега и останатите.
Атмосферата и расположението кај Албанците и Србите во Косово, различна.
„Не требаше да има барикади. Тоа е пречка за двата народи овде, не требаше да се поставуваат барикади. Тие (Србите) ги поставија барикадите и сега треба сами да ги отстранат. Тоа е проблем за нас , и не знам до кога Европската Унија ќе ги толерира овие негативни работи што ги прави Србија“, вели Хилми Беќири.
„Мислам дека тоа е грешка на нашиот врв. Мислам дека тоа е лош потег“, вели Ѓорѓе Вучковиќ.
„Ние сме тука, еве, јас и мојот внук. Се може да се повлече, но ние сме тука. Не ја даваме Србија, не го даваме Косово и Метохија“, вели Бранимир Вучичевиќ.
Иако барикадите се острануваат, сепак тензијата е уште висока, вели претставникот на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Тој им порача на лидерите на двете страни да работат на релаксирање на односите.
„Нивото на недоверба меѓу двете страни е повисоко од кога било досега, тензиите се уште се високи, но важно е лидерите во Белград и Приштина да почнат да создаваат атмосфера погодна за продуктивни разговори за нормализација на односите“, вели Мирослав Лајчак.
Одлуката да се отстранат барикадите ја поздрави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел кој рече дека ова е добар чекор кон деескалација на односите помеѓу Белград и Приштина.
Барикадите на северот беа поставени на 10 декември како спротивставување на апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој наводно учествувал во организирањето на нападот на канцелариите на Централната комисија во Северна Митровица и Зубин Поток.
