„Отворен Балкан“ не ги скара Скопје и Приштина, двете влади потпишаа 11 договори за соработка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека чекаа надвор, не водеа сметка за заштита на здравјето. Маските ги ставија дури кога пристигнаа колегите министри од Косово.

Потоа се појави премиерот Зоран Заев кој со највисоки државни почести го пречека својот косовски колега, Албин Курти.

Ваквиот пречек ѝ претходеше на заедничката седница на двете влади, на која беа потпишани 11 договори и меморандуми за инфраструктура, дијаспора, енергетика, економија, туризам, безбедност, иновации и технолошки развој.

Ставовите на Заев и Курти се на иста линија кога станува збор за билатералната соработка во сите области, но се разидуваат во однос на иницијативата „Отворен Балкан“. Курти е против иницијативата од која сега за сега дел се Скопје, Тирана и Белград, а Заев вели дека ја почитува одлуката.

Денешната средба на двете влади е доказ дека сакаме повеќе соработка и договори, рече премиерот Албин Курти, додавајќи дека Косово е свртено кон ЕУ, затоа поддржуваат иницијативи кои доаѓаат само од Унијата.

-Како Република Косово ние ги поддржуваме сите регионални иницијативи во кои ја има ЕУ и кои се од ЕУ. Нормално сите тие договори кои сме ги потпишале, ниеден од нив не може да се погази во спроведувањето, независно, некоја разлика може да имаме-рече Курти.

Меѓу потпишаните договори е и тој за поврзување на двата автопати кај Блаце, договорот за визибилити студија за патот Призрен – Тетово, за кого беше речено дека ќе се формира заедничка комисија, договорот за воведување поставување заеднички гранични премини како и за заеднички ски проект за поврзување на Брезовица и Попова Шапка.

До сега двете земји имале 42 потпишани договори и меморандуми, чиј број со денешните 11, изнесува 53. Само во 2020 меѓу Македонија и Косово имало трговска размена од 305,7 милиони долари, а во првото тримесечје од 2021 размената изнесува 130,2 милиони долари, додека се очекува до крајот на годината да се надмине сумата од 400 милиони долари за трговска размена.