„Отворен Балкан беше иницијатива која произлезе од потребата за движење нанапред на Берлинскиот процес и ја заврши мисијата за која се создаде“, вели Еди Рама.
Доволно беа овие зборови на премиерот на Албанија, сите политички актери во Македонија но и пошироко, кои се против Отворен Балкан, да се произнесат дека се потврди нивниот примарен став за овој процес. Иако лидерите на трите држави од Македонија, Албанија и Србија продолжуваат со разни проекти за да ја засилат оваа иницијатива, истата ја нема поддршката на опозицијата во Македонија, дури и од партија во власта, Алијанса за Албанците. Лидерот на оваа партија, Арбен Таравари вели дека се десолидаризираат од секаква владина иницијатива во рамките на Отворен Балкан. Според него, овој механизам нема веќе легитимитет ниту цел поради тоа што Албанија излезе од истиот.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека Алијанса за Албанците се десолидаризира од секаква нова иницијатива на Владата на РСМ во рамките на механизмот познат како Отворен Балкан. Со излегувањето на Р. Албанија од Отворен Балкан, овој механизам нема веќе ниту цел ниту легитимност“, порача Арбен Таравари.
Против овој проект е и Движење Беса. Од таму велат дека вчерашната промоција за наплатните точки во Прешево, потврдува дека очите на владата се свртени кон Србија и Русија. Тие бараат да се остави на страна овој проект и да се поддржат ставовите на Република Косово.
„Владата на Северна Македонија да се огради од проектот Отворен Балкан. Да не се посомневаме некогаш дека оваа влада е свртена во правец на реализација на руско-српски проекти, но со вчерашниот акт се запечатија најавите на Движење Беса кои сведочеа дека владиниот состав е маша во рацете на анти народните проекти“, посочи Абдуш Демири.
Вчерашниот проект предизвика реакција и од Огнената група. Од таму велат дека секој проект кој ја опфаќа Србија а не Косово, не му носи ништо добро на регионот.
„Кажавме уште на почеток, не сме се консултирале за иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ, Отворен Балкан, никогаш не го прифативме, не ни беа познати неговите цели, ниту потенцијалните резултати во иднина, и постојано бевме против. Ниедна каква било регионална иницијатива, политичка или економска, во која е Србија а не Косово, не може да му донесе ништо добро на регионот. Го поздравуваме повлекувањето од оваа иницијатива на премиерот Рама истакнувајќи дека ДУИ и Владата на РСМ остануваат последниот сојузник на Александар Вучиќ“, вели Огнената Група.
ТВ21 побара став од ДУИ но до овој момент не добивме одговор. На вчерашниот настан во рамки на Отворен Балкан што се одржа во Прешево, Србија, присутен беше и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.
Инаку од гореспоменатите политички субјекти, премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека Отворен Балкан има светла иднина. Тој вчера во Прешево дури рече дека целат кон целосно укинување на границите на Балканот за граѓаните слободно да се движат, како што е во европските држави. Српската премиерка Ана Брнабиќ дури се надева дека Отворен Балкан ќе се прошири и со други држави, како Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според неа, интерес изразиле Хрватска и Грција.
