Остри реакции на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на поранешниот претседател Стево Пендаровски за македонското позиционирање во однос на новата американска администрација и глобалните политики. Пендаровски кој прв пат се појавува во јавност откако ги изгуби изборите во мај минатата година, рече дека тој е загрижен за политиките на новиот американски претседател Трамп, но особено за ставот што го зазеде македонската влада и дека давање изјави од типот новото нормално ќе го преплави светот е гол аматеризам во политиката.
-Мислам дека ние како мала држава, знаеме кои сме, каде сме лоцирани, бајаги треба да мислиме, два пати да мислиме пред да застанеме, како вели, ние застанавме први до него и сега другите нека се редат позади нас. Не би истрчувал, бидејќи ние не сме светска велесила. Ако најголемите најсилните од групата Г7, Јапонија исто така, ако тие не се наредија рамо до рамо со Трамп после изборите туку вагаат, мерат кои се нивните реални национални интереси и што со ваков претседател на Америка можеш да постигнеш за себе и за својата држава не можам да видам зошто е ова истрчување, изјави поранешниот претседател, Стево Пендаровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ со критики дека Пендаровски директно го навредува Трамп и САД и со тоа покажува дека заедно со СДСМ лажно се претставувале како прозападни. А веднаш по интервјуто со статус излезе и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
-Пендаровски – човек кој два пати изгуби претседателски избори, после 10 месеци реши да се појави во јавност и да го напаѓа Премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката на САД и Претседателот Трамп. Пендаровски кој иако вети не се откажа од доживотна пензија на грб на граѓаните, го напаѓа Претседателот на нашиот стратешки партнер број 1. Арогантно дели ,,ум” на светски лидери, а сам себе не се гледа. Стево троши пензијата, не се брукај , не ја руши позицијата на Македонија и дружи се со пријателите од Агенција за разузнавање додека можеш! – вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Реакциите во јавноста особено на опозициската СДСМ дојдоа откако македонската влада гласаше воздржано за резолуцијата на Украина поддржана од Европската унија, а застана како коспонзор на Резолуцијата на САД.
