Емир Селимовиќ, 38-годишен маж, осомничен за убиство на сопругата и синот во Калесија, кај Тузла во Босна и Херцеговина, е уапсен по петдневна потера. На социјалните мрежи се појави негова фотографија при апсењето.
Припадниците на МВР на Република Српска го пронашле во селото Горња Мравица кај Прњавор, каде во четвртокот било откриено и неговото возило. Според неофицијални информации, Селимовиќ бил забележан од мештаните и веднаш ја известиле полицијата, по што набрзо бил уапсен. Потоа бил спроведен во полициска станица.
Телата на неговата сопруга Инела Селимовиќ (37) и нивниот 13-годишен син беа пронајдени на 12 февруари во нивниот заеднички стан во Калесија. Се верува дека Емир Селимовиќ ги задавил.
По убиството, Селимовиќ побегнал со автомобил шкода фабија. Автомобилот подоцна бил пронајден во селото Горња Мравица кај Прњавор, но осомничениот се уште бил во бегство. Според извештаите, Селимовиќ бил виден на камерите во Челинац кај Бања Лука за време на неговото бегство.
