„Ова не е пожар, ова е пекол“ – огнената стихија збриша 5000 објекти во Лос Анџелес, има и загинати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова не се снимки од некоја војна. Ова е Пацифик Паласејдс, Лос Анџелес Калифорнија, поточно она што останало од местото по големиот пожар.

Според последните информации, пожарот кој беснее на неколку точки во Лос Анџелес уништил повеќе од 5000 објекти, а загинале најмалку 10 лица. Неколку десетици илјади лица во различни региони добија наредба за евакуација, додека пожарникарите продолжуваат со борбата со огнената стихија.

Во Алтадена, едно семејство се врати во својот уништен дом, еден ден откако го видоа како гори во пламен на телевизија во живо.

Бриџит Берг од уништениот дом успеала да извлече неколку предмети.

Репортер: Колку долго живеевте овде?

-Живеевме тука речиси 16 години. Да, да, ова беше прекрасен дом и имавме многу убави моменти овде… Тоа е дневната соба. Тоа е предниот влез. Покрај тоа, имаше спална соба. Друга спална соба, главната спална соба. Во задниот дел има бања. Тоа нешто таму е бањата.

Пацифик Паласејдс е елитна населба. Под ридот, на кој што го има познатиот знак Холивуд, живеат голем број филмски ѕвезди, но и познати лица од американскиот џет-сет. Дел од нив остана без домови.

„Сите малку да ги „апдејтирам“… Нашата заедница е многу уништена. Сите се повлекуваме заедно. Многу мои пријатели го загубија својот дом, јас чекам да видам дали нашиот дом ќе биде таму. Во моментов тоа е само игра на чекање,…..Само сакам да знаете дека ги ценам сите ваши пораки и поддршка.

Иако делови од пожарот се локализирани и ставени под контрола, сепак се уште опасноста не е помината, а штетите се огромни.

„Во тек е проценката на штетите при пожарот во Паласејдс. Прелиминарните извештаи проценуваат дека оштетени или уништени објекти се во илјадници. Слободно може да се каже дека пожарот во Паласејдс е една од најразорните природни катастрофи во историјата на Лос Анџелес.

Силните ветришта што ги разгоруваат пламените јазици и предизвикаа хаотична евакуација донекаде се смирија. Тоа би можело да им даде можност на пожарникарите да постигнат напредок во ставањето под контрола на пожарите кои избувнаа ноќта во средата.