Засилена дебата се води деновиве во јавноста за посетата на верниците по црквите и опасноста од ширењето на коронавирусот. Во магазинот Клик Плус на ТВ21 Отец Бобан Митевски вели дека црквата ги почитува мерките и за време на полицискиот час оваа година нема да се слави Велигден.
„Вратите на храмовите се затворени и ќе бидат затворени, внатре ќе служат само свештениците и оние кои што се потребни да присуствуваат на богослужбата за да може богослужението да се заврши. Секако дека ние веруваме дека секој верник кој е свесен и одговорен за општото добро и пред општеството ќе знае таа одговорност и да ја покаже.“, рече Митевски.
За тоа како ќе се празнува, премиерот Оливер Спасовски разговарал и со Архиепископот на МПЦ Господин Стефан во кој било побарано богослужбите за Велигден да се одржат без верници.
„Навистина сега не е време сите ние да се собираме во храмовите, заради тоа што ова е време кога треба да бидеме одговорни кон здравјето и таа одговорност мора да ја покажат сите без разлика дали се носители на власт или се носители на црковната власт. И тие мора да покажат одговорност спрема граѓаните и спрема верниците.“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека сосема ги разбира чувствата на верниците, но мора да има придржување до мерките.
„И јас сум верник а и дел од полициските службеници се исто така верници кои сакаат да присуствуваат на молитва и литургија во божјите храмови и оттука целосно го разбирам мотивот на верниците, меѓутоа мора сите да разбереме дека сериозноста на актуелната ситуација налага да останеме дома и големиот христијански празник да го прославиме во кругот на семејството.“, вели Чулев.
Живееме во вонредно време и сепак во однос на претходните години намален е бројот на верниците во црквите, вели Даријан Сотировски претседател на Комисијата за верски заедници, кој вели дека воглавно свештениците ги почитуваат мерките.
„Како држава, како власти сме задоволни со лидерствата на сите верски субјекти, се коректни целосно и се залагаат за почитување на мерките. Посебно двете најголеми верски заедници кои имаат огромна мрежа распространета мрежа во сите населени места со безброј свештенослужители, верски службеници и оттаму се разбира дека може како исклучок да се јави и различно мислење“, вели Сотировски.
Кога земјава се соочува со пандемија на корона вирусот, од МПЦ испратија порака дека овој Велигден ќе се помине дома а порака до МПЦ испрати и Европската комисија во која се наведува дека сите имаат обврска да го заштитат јавното здравје. За време на Велигденските празници свештениците ќе држат литургии без присуство на верници.
