„Паднаа“ тужби меѓу политичарите – Аднан Исмаили го тужи Мендух Тачи, а Мухамед Зекири – Блерим Беџети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на Издавачката куќа „Логос“, Аднан Исмаили поднесе тужба против претседателот на ДПА, Мендух Тачи, по обвинувањата кои Тачи неодамна ги изнесе против Исмаили во емисијата „Клик Плус“.

„Обвинувањата беа толку апсурдни, што не знам од каде да почнам, а каде да завршам. Разговарав со мојот адвокат, го ангажирав и тој ја поднесе тужбата. Го чекаме судскиот процес“, истакна Аднан Исмаили.
Новинар: „Вие велите дека нема ништо вистина во она што го кажува претседателот на ДПА, Мендух Тачи?“
„Ќе видиме на суд, самиот си го бараше ова“, додава Исмаили.

А пред само неколку дена, првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, се понуди како сведок во Јавно обвинителство за да сведочи околу обвинувањата кон директорот на „Логос“, и истовремено ја повика УЈП и Обвинителството да ја проверат дејноста на оваа издавачка куќа.  

„Уште еднаш сакам да сведочам со факти и аргументи дека овие луѓе се членови на печатница. Јас добро го говорам албанскиот јазик, и намерно не реков „издавач“, бидејќи „издавач“ е интелектуален термин. Вистинските издавачи се во Коња, Техеран, а овие се печатници, технички услуги. И таа вечер кажав – овие луѓе се приватна група која треба да даде отчет за финансирањето“, посочи Мендух Тачи.

Директорот на „Логос А“, Исмаили, рече дека тужбата ја поднел пред три недели. Тужби има и меѓу Мухамед Зекири и Блерим Беџети.

„11 години беа на власт и знаеме на кој начин. Ги слушнавте „бомбите“? Мијалков со Муса Џафери и Блерим Беџети ги правеа листите кој ќе биде судија“, порача Мухамед Зекири.

„Доста со оваа демагогија и клевети. Нека се договори со својот патрон, за да не го демантираат секој ден. Тој манипулира со јавноста, дури и неговата партија го демантира. Тој е сервилен“, истакна Блерим Беџети.

И потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири потврди дека го тужел градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети за обвинувањата кои Беџети ги изнесе во емисијата „Клик Плус“. Кога го прашавме Беџети за тужбата против него, тој рече дека пред еден месец и тој поднел тужба против Зекири.