Реконструкција на клиничката болница во Тетово – Клековски и Касами: Болницата подготвена за реконструкција и проширување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 74 милиони евра се очекува да бидат инвестирани во Клиничката болница во Тетово, во еден од најголемите инфраструктурни здравствени проекти за Полошкиот регион.

Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на три нови објекти – меѓу кои и посебен оддел за гинекологија, акушерство и неонатологија – како и опремување со современа медицинска технологија.

„Тука сме со тимот на терен на Светската банка и Европската инвестициска банка, со кои ќе поминеме низ техничките планови, можностите, структурата и ќе ги финализираме сите документи кои ни се потребни за почеток на јавната набавка, односно тендерот за изградба.“, рече Клековски.

Техничките подготовки од страна на болницата веќе се завршени. Директорот Ерзен Елеззи информираше дека работната група го завршила проектирањето за новите објекти и реконструкцијата на постојните.

„Од наша страна, од Клиничката болница во Тетово, направени се сите подготовки, како што е проектирањето. Работната група ја заврши работата за проектот на трите нови објекти и на двата постојни објекти кои ќе се реновираат.“, изјави Ерзен Елези, директор на Клиничката болница во Тетово.

Работите ќе започнат веднаш по завршувањето на административните процедури. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, вети дека ќе се ангажира проектот што поскоро да биде реализиран и функционален.

„Ова уште еднаш покажува дека важните капитални проекти на оваа влада не зависат од тоа кој е министер, кој доаѓа и кој си оди. Напротив, сега со новиот министер, заедно со тимот на Светската банка, излеговме на терен и од денес и формално започнува постапката за реализација на проект кој би рекол дека е еден од најважните за овој дел од Македонија, односно за Тетово, Полошкиот регион и за западниот дел на Македонија.“, изјави Касами.

Со завршувањето на оваа инвестиција, повеќе од 250 илјади жители од Полошкиот регион ќе добијат побрзи и поквалитетни здравствени услуги, со намалување на времето на чекање и избегнување на упатување пациенти кон клиниките во Скопје.