Пандев за деновите во Интер: Не ми се веруваше кога ми кажаа дека ме сакаат, се договорив за една минута

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во историјата на Интер, Горан Пандев ќе биде запишан со златни букви, како дел од генерацијата која ја освои тројната круна во 2010 година, кога тимот од Милано ја освои Серија „А“, Лигата на шампионите и Купот на Италија.

„Со Беласица тогаш имавме супер генерација и игравме на младинскиот турнир Вијареџо, каде што има многу менаџери од Италија, но и од другите земји. Одигравме таму три натпревари, јас се вратив во Македонија, играв во првиот тим, и потоа на крајот од сезоната ми кажаа дека ме бара Интер. Мене не ми се веруваше“, рече Пандев.

„Бев мал, имав 17 години, и мајка ми прво инсистираше да завршам средно училиште. Заминавме во Милано, тоа беше нешто неверојатно. Добро е што бевме заедно со Стојков, и ми беше некако полесно тој период“, изјави Пандев.

Потоа разкажуваше за деновите кога бил позајмен во Анкона.

„Во Анкона беше голема криза. Немаше пари, немав каде да спијам, тогашниот фудбалер Рапајиќ ме зема кај него и ме чуваше како син, но никогаш не покажав слабост кон моите родители. Имав среќа што ја запознав мојата сопруга и што можев да и кажам се што мислам“, рече Пандев.

Во Лацио имаше големи проблеми со тогашниот претседател Лотито околу продолжувањето на договорот.

„Никогаш не ми биле парите пресудни, сакав само да напредувам во кариерата. Тогаш сметав дека во Лацио го достигнав максимумот и немав што повеќе да му дадам на клубот, и сакав да заминам некаде кај што ќе освојувам титули. Лотито тогаш не се согласи, и ги тужев, па потоа преку фудбалската федерација си ги земав документите и заминав во Интер“, вели Пандев кој истакна дека во тој период имал понуди и од големи клубови.

„Имав понуди од Милан, Јувентус, Вест Хем, Ливерпул, но со Интер се договорив за само неколку секунди. Тоа ми беше тимот кој ми овозможи да дојдам во Италија и знаев дека сакам да играм таму. Се договоривме за една минута“, рече Пандев.

Потоа ја освои тројната круна…

„Неверојатно беше чувството кога ја освоивме Лигата на шампионите. Не ми се веруваше дека после само шест месеци откако бев во многу лоша состојба, ќе станам европски првак. Кога ја поминавме Барселона во полуфиналето, знаев дека ќе ја освоиме Лигата на шампионите“, кажа македонскиот легендарен фудбалер.

Поранешниот македонски репрезентативец рече дека голема грешка му е заминувањето во турски Галатасрај.

„Можам да кажам дека Галатасарај ми е единствена грешка во кариерата. Тогаш ме бараат, тимот играше во Лигата на шампионите, таму беа Снајдер, Муслера, Прандели кои ме убедија. Одиграв една сезона, и се вратив во Италија. Во секој случај и покрај тоа што беше грешка, сметам дека е едно големо искуство за мене и моето семејство“, рече Пандев.