Професор д-р Никола Пановски на својот Фејсбук профил упати апел до граѓаните кои примиле само една доза вакцина деновиве или пак ќе ја примат во наредниот период, а не прележале ковид, да не влегуваат во објектите во кои власта им дозволува да влегуваат.
„Почитувани жители на Македонија, вие кои сте примиле една доза вакцина деновиве или ќе ја примите следниов период, а не сте прележале ковид. Ве молам да не влегувате во објектите во кои власта ви дозволува да влегувате. Вие се уште немате имунитет, не сте заштитени, под голем ризик сте таму да се заразите и потоа да ја ширите заразата. Потврдата не ве штити од зараза, нека не ви дава лажна сигурност. Откога ќе ја примите втората доза и ќе поминат две недели, тогаш може да претпоставиме дека сте заштитени“, посочи д-р Пановски.
Инаку, од утре во Македонија стапуваат на сила рестриктивни мерки според кои лицата кои имаат сертификат за примена вакцина и тие кои прележале ковид-19 можат да посетуваат настани на затворено и отворено.