Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО денеска во македонскиот законодавен дом ја одржа својата седница. Ова тело во кое членуваат парламентарци од 32 земји членки на НАТО, заседаваше зад затворени врати. Но, во делот отворен за јавноста, им се обратија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
И двајцата се пофалија дека сме посветени на зајакнување на одбраната и дека за тоа даваме над два отсто од бруто домашниот производ, или во пари околу 330 милиони евра. Исто така во говорите доминираше и благодарност за солидарноста од земјите членки на НАТО и на ЕУ кои помогнаа после трагедијата во Кочани. Сепак, Мицкоски ја искористи темата солидарност да потсети дека и ние во рамките на НАТО и како аспирант за членство во ЕУ сме солидарни и вложуваме како материјални така и човечки ресурси, но дека тоа и лојалноста не секогаш ни била возвратена.

„Мислам дека е важно да се знае ова, ниту пак треба да се сокрие ова горко чувство кај секој еден Македонец, каде и да се наоѓа во светот. Пријатели си помагаат, но и пријатели искрено си ги кажуваат своите чувства и забелешки. Сметам дека треба да се размисли и за воведување на механизми каде нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел. Ако ние сите заедно ја чуваме куќата, тогаш и заедно имаме право да си ги кажеме нашите проблеми, разочарувања и очекувања. Ние ќе останеме лојален партнер, и заедно и посветено ќе работиме кон остварувањето на колективните цели.“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски потсети дека Македонија дава војници во НАТО мисијата во Косово и на мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, додека Мисајловски пак дека целта на оваа влада е зголемување на борбената готовност на армијата и нејзина модернизација. Добар дел од 330 те милиони евра наменети за буџетот на Министерството, се за оружје и обука.

„Иако од НАТО се бара 20 проценти да се одвојуваат од буџетите за модернизација, ние иако како мала земја одвојуваме над 32 проценти.“, вели Владо Мисајловски.
Беше истакнато дека безбедноста е загрозена не само со отворената војна меѓу Русија која нападна друга суверена земја, Украина, туку и поради сајбер и хибридни закани, дезинформации но и поради климатските кризи. Мицкоски истакна дека Македонија посветено ќе се бори против секаков обид за дестабилизација на земјава и регионов со тоа што ќе се остане доследни на вредностите кои нè обединуваат: демократијата, слободата, владеењето на правото и солидарноста.
