Со гласовите на 41 пратеник на владејачкото мнозинство, Собранието на Црна Гора денеска одлучи да поведе постапка за утврдување одговорност, односно дали претседателот Мило Ѓукановиќ го прекршил Уставот и случајот ќе го проследи до Уставниот суд кој треба да одлучи за тоа.
Предлогот до Собранието го достави Социјалистичката народна партија, која смета дека Ѓукановиќ со своите изјави и постапки во Цетиње на почетокот на септември грубо го прекршил членот 14 од Уставот, што предвидува верските заедници да се одвоени од државата и да се слободни да вршат верски обреди и верски работи.
Причина за постапката е изјавата на Ѓукановиќ од 28 август дека ќе дојде да протестира во Цетиње доколку не се откаже устоличувањето на црногорско-приморскиот митрополит Јоаникије во овој град.
-Се надевам дека нема да дојде ситуација на 5 септември и самиот да бидам во Цетиње, каде ќе бидат Цетињаните, каде е мнозинска Црна Гора и каде што се брани достоинството на државата, изјави тогаш Ѓукановиќ.
Доколку Уставниот суд утврди дека претседателот го прекршил Уставот, Собранието може со гласање од најмалку 41 пратеник да донесе одлука за негово разрешување.
