Партиите со честитки до граѓаните за 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека пред 35 години не обедини сонот за слободна и независна Македонија.
„Македонскиот народ покажа дека има храброст да чекори по својот пат со крената глава и со вера во сопствената иднина. Нека и денес не обединува љубовта кон Македонија. Независноста е чувство на припадност, љубов кон татковината и одговорност кон иднината. Таа е обврска да го зачуваме она што ни е оставено и со достоинство да го предадеме на генерациите што доаѓаат“, напишаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВЛЕН со порака дека овој ден им припаѓа на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, јазик, вера или политичко убедување.
„Тоа е ден кој нè потсетува дека државата се гради со заеднички придонес и дека нашата иднина е посилна кога се почитуваме едни со други и обезбедуваме еднаквост за сите. Албанците се нераскинлив дел од историјата, државноста и развојот на оваа земја. Нивниот придонес во изградбата на институциите и зајакнувањето на нашето општество е нераскинлив дел од идентитетот на Република Северна Македонија“, вели Влен.
Денес кога славиме 35 години независност мора да гледаме пред се напред, кон годините и децениите што доаѓаат, порача во својата честитка претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Да изградиме економски силна европска држава со подобар животен стандард во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дом. Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите. Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство“, порача Венко Филипче.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети во пораките за 35 годишнината од независноста истакна дека европската иднина не се гради со намалување на правата, туку со зголемување на довербата.
„На 35-годишнината од независноста, мојата порака е едноставна, да го зачуваме она што заедно го изградивме и да го продолжиме напред. Да не се враќаме кон политиките што разделуваат, туку да одиме кон држава што обединува. Затоа што европската иднина на Северна Македонија не се гради со намалување на нечии права, туку со зголемување на довербата меѓу сите“, напиша Али Ахмети.
На одбележувањето на 35 годишнината на независноста изминативе денови имаше низа манифестации и концерти меѓу кои и оној на кој настапи и светскиот тенор Хозе Карерас. Свеченостите се заокружуваат со концертот на музичката ѕвезда Дејвид Гета.
