Лидерот на интегративците, Али Ахмети на својот Фејсбук профил објави видео со збир на функционери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како изнесуваат низа обвинувања на адреса на ДУИ за разни прашања. Ахмети во статусот над видеото напиша дека македонските партии постојано ја напаѓаат ДУИ за остварување на нивните дневни политики. Според Арјанит Хоџа од Движење Беса, објавеното видео значи дека ДУИ се подготвува за избори и претставува сигнал за камуфлирање на внатрешните проблеми во партијата на Ахмети.
-Што се однесува до она што беше објавено, тоа укажува дека ДУИ стравува, дека сепак се подготвува на изборите, било предвремени или редовни… факт е дека се подготвува да оди во опозиција.
-Ова го гледате како одење на избори?
-Апсолутно. Објавувањето на ова видео е сигнал за камуфлирање на внатрешните проблеми на ДУИ, рече Хоџа.
Хоџа додава дека видеата се резултат на движењата кои се случуваат во ДУИ, најавувајќи дека наредната недела дел од структурата на ДУИ ќе премине во Беса. За изјавата на Хоџа, став побаравме и од секретарот на ДУИ, Артан Груби, но не добивме повратен одговор. Во однос на видеото на Ахмети, со реакција се јави и Алијанса за Албанците.
-Ја потсетуваме ДУИ дека токму СДСМ и ВМРО, со кои долго време заедно владееја, го сочуваа овој политички субјект како бела мечка, поштедувајќи ги од правдата корумпираните функционери на ДУИ. На граѓаните и на целата јавност им е добро познато дека ДУИ никогаш не била оштетена од македонските субјекти, туку постојано била разгалена, велат од АА.
По синоќешната видео порака на челникот на интегративците, реакција и од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата ја обвинија ДУИ за корупција и му порачаа на Ахмети да ги провери своите кадри кои 20 години се извор на криминал и корупција.
-Секогаш кога Али Ахмети сака да се допадне на меѓународната заедница во неговите средби се откажува од Косово, и ја фали иницијативата на Србија „Отворен Балкан“ каде Косово не се споменува, и измислува зелена агенда, а секогаш кога треба на Ахмети и Ковачевски да поминат тендерите и милионите во РЕК и Осломеј, Ахмети станува загрижен патриот и збори за Косово. Ахмети не треба да се чуди зошто ДУИ ја обвинуваат за корупција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ пак со контра-одговор. Велат дека партијата на Мицкоски е против тоа Албанците да бидат на чело на државни институции, а од друга страна, како што додаваат, крева прашина со неосновани обвинувања за потврдената проевропска зелена агенда.
