„Да се почитува законот“ – порача американската амбасадорка Анџела Агелер, прашана за барањата на власта за оставки од страна на државниот обвинител Љупчо Коцевски и петтемина членови на Судскиот совет, кои таму се назначени од страна на Собранието. Агелер истакна дека САД го следат процесот.
„Немам коментар. Видов за ова и го следиме процесот, но она што го знам е дека тече правна постапка и секако тоа го следиме многу одблиску“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД.
Од опозицијата пак, ги повикаа граѓаните и меѓународната јавност да го следат процесот за разрешувањето на Коцевски, бидејќи, како што оценија, оваа намера на Владата води кон целосна партизација и упад во правосудниот систем.
„Мицкоски ги фрла на буниште реформите во правосудството, презема целосна контрола и партизација на институции кои треба да се независни. Прашање е дали постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи?“ – изјави Александар Алесковски, правна комисија на СДСМ.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека треба да се стави крај на лицата во правосудството кои работат под политички диктат. Според нив, Коцевски е меѓу оние што се директно одговорни за штитење на, како што истакнаа, криминалци од СДСМ и ДУИ.
„Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, обвинителот Коцевски истакна дека би си дал оставка само ако се утврди тешка дисциплинска повреда во неговото работење, но тој смета дека работел законски. Владата пак, започна процедура за негова смена преку Собранието, за што е потребен 61 глас „за“.
