Партнерите на Заев против широка Влада – Реџепи: Начелно сме против, широки Влади има кога има криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев во саботата за прв пат ја повика опозицијата во влада, но како што изгледа за идејата за проширена влада не ги консултирал коалиционите партнери. 

Покрај ДУИ, од каде лидерот Али Ахмети се дистанцираше од таквиот предлог, и другиот партнер, Движење Беса не поддржува такво нешто. Кастриот Реџепи вели дека широка влада обично се прави во случај на институционална криза нешто што во моментов го немаме, а потсетува дека опозицијата е важен фактор како коректор на владата.

„Не сме го разгледале тоа во партиските органи но начелно сметаме дека не е потребно во овој момент. Се покажа дека владата функционира,мнозинството е стабилно и може да продолжи да ги исполнува задачите. Во случај да дојде до нешто поконкретно, тогаш ќе треба да разгледаме во партиските органи“, истакна Кастриот Реџепи.

И другите помали партии се против идејата на Заев за проширена влада. Од Демократски сојуз велат дека нова влада може да има по парламентарните избори.

„Демократскиот сојуз цени дека нема услови да се формира Влада поддржана од СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ниту понудата е сериозна, ниту пак одговорот е искраен. Ова расправа е “КОНГРЕСНА”, наспроти изборот на лидер на СДСМ и најавениот фракциски “Конгрес”на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од Демократскиот Сојуз.

Против идејата е и ЛДП која има двајца пратеници. Нејзиниот лидер Горан Милевски вели “Ако треба нека се земат, но ЛДП нема да учествува на таква свадба“.

НСДП која исто така има двајца пратеника е единствениот партнер на Заев кој до сега ја пофали идејата за широка влада. Нејзиниот претседател, Тито Петковски на Фејсбук напишал дека “предлогот е фер, да се поделат местата во влада согласно пратеничките мандати во Собрание, а Премиерот да биде од партијата со најмногу пратеници“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, категорична, во влада со СДСМ, не.

Албанската опозиција предлогот го нарече блеф. Арбен Таравари од коалицијата АА-ААА вчера рече дека дури и да влезат во влада, нем ада влезат како марионети.

Идејата за проширена влада, премиерот Заев ја објави минатата недела велејќи дека посакува да се отвори дебата за власта и за заедничка влада со опозицијата, но само доколку постои личност со која може да разговара, бидејќи како што додаде, со Мицкоски не се разговара.