Наместо прогрес, има застој и кратење на средства за проекти во патната инфраструктура, обвини пратеничката на ДУИ, Арбана Пашоли, додека зборуваше за патот Скопје – Блаце, заедничка гранична контрола, железницата. Според неа, Владата во првите 100 дена ја одолговлекуваше работата за реализација на Коридорот 8. Меѓу другото зборуваше и за патот Тетово – Призрен, за кој како што рече , останало само предизборно ветување.
„Што се однесува до проектот за заедничка гранична контрола со соседите, ја известуваме јавноста дека овој принцип, наречен „Оне стоп шоп“ веќе се спроведува со Србија и Албанија, а со Косово е потпишан договор и е усвоен закон во Собрание, а оваа влада е нелегитимна, треба само да го спроведе а не да има колони во Блаце. Како што изгледа, Владата не знае дека оваа е завршена работа и во тек е спроведувањето“, вели Арбана Палоши.
Оваа реакција на ДУИ следи откако пред неколку дена првиот вицепремиер, Изет Меџити, рече дека наскоро ќе се усвои одлуката за системот Оне стоп шоп на граничните премини Блаце, Ќафасан, Јажинце и Табановце.
„Ние сме пред усвојувањето на одлуката за системот Оне стоп шоп за граничните премини Блаце, Ќафасан, Јажинце и Табановце. Со оваа одлука се овозможува побрзо движење и тргување во граничните премини кои се многу важни за нашите граѓани но и за нашите сонародници кои доаѓаат во Северна Македонија“, вели Изет Меџити.
ДУИ побара целосен отчет од Владата за овие, како што ги нарекува, застои во реализацијата на овие стратешки проекти. Секогаш кога биле прашани за овие прашања, владините функционери кои доаѓаат од редовите на ВРЕДИ уверуваат дека големите инфраструктурни проекти ќе продолжат да се градат и ќе бидат завршени.
