На секои два метра дупки и распукан асфалт. На која коловозна лента и да возиш, никако не можеш да ги избегнеш дупките на магистралниот пат Кичево-Битола.
Во најлоша состојба е делот кога почнуваат селата на општина Демир Хисар, па затоа локалното население излезе на протест, блокирајќи го патниот правец два часа. Не дозволуваа да помине ниту едно возило, освен Брзата помош.
Луѓето ги испокршија своите возила, велат демонстрантите видно изреволтирани. На протестот ги поканиле министерот Благој Бочварски и директорот на ЈП за Државни патишта Ејуп Рустеми, со цел, како што велат, одблизу да видат во ваква состојба е патот, но тие не се одѕваа на поканата.
Демонстрантите велат дека патот е изграден пред 50-тина година уште во времето на поранешна Југославија.
Жителите најавија дека со протестот ќе продолжат и во наредните денови, а во меѓувреме неколку камиони излегоа на терен и ги пополнија најголемите дупки со асфалт.
Во 2020 година тогашниот директор на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов, вети дека за една година ќе бидат реконструирани 300 км пат во западниот дел на земјава, меѓу кои и магистралата Битола-Кичево, но од ветените 300, беа изградени за 25 километри. Минатата година, ТВ21 побара став од директорот на претпријатието Ејуп Рустеми, кој рече дека овие патишта се во фаза на проектирање и дека се очекува да бидат санирани во 2022 година.
