Патот Тетово-Призрен сѐ уште во фаза на проектирање, Зеколи: Проектот ќе покаже колку пари ќе чини тунелот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 2026 година, од буџетот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ се обезбедени 2 милиони евра за главното проектирање на патот Тетово – Призрен, изјави заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи. Таа очекува наскоро да биде објавен тендерот за проектирање. За отворањето на тунелот разговарале и со премиерот на Косово, Курти, за да се види дали ќе се обезбеди некаков грант.

„Жал ми е што морам да го кажам ова, но мора прво да го поминеме делот на главниот проект. Без проект, не можеме точно да знаеме колку ќе чини, колку долго ќе траат работите и како сето тоа ќе се реализира. Она што нè поврзува со Косово е заеднички тунел, и за тоа со премиерот Курти разговаравме како да најдеме, можеби заеднички грант за да се реализира. Но прво нè интересира нашиот дел да започне, а пред сè мора да се изработи главниот проект“, изјави Калтрина Зеколи, заменик-министерка за транспорт.

Но, дали министерството ќе одвои средства патот да се отвори до тунелот, откако општина Тетово најави дека издвоила 18 милиони денари за отворање нова траса до село Шипковица.

„Ова што го кажа општината е за поздравување и покажува дека и тие имаат подготвеност и сериозност да го доведат овој проект до крај. Секако, и во Министерството за транспорт имаме програма со која поддржуваме вакви патишта, не само преку повиците од унгарскиот кредит, туку имаме и сопствен буџет. Несомнено, еден од најважните проекти што е во наш интерес е и патот Тетово – Призрен и ние ќе го ставиме ова на владина седница, и тоа ќе стане дел од почетокот на работите на овој пат и ќе ѝ помогнеме на општината“, изјави Калтрина Зеколи, заменик-министерка за транспорт.

Патот Тетово – Призрен се ветува веќе речиси повеќе од 20 години. Во јануари 2024 година, меѓу министерствата за транспорт на Косово и Македонија беше потпишан договор за кофинансирање на проектот за тунелот, кој треба да биде долг 6,4 километри.