За четириесетина бубрежно болни пациенти нема организиран превоз за дијализа до болницата „Осми септември“. До крајот на октомври за пациентите бил обезбеден такси превоз до поранешната Воена болница, но договорот со концесионерот завршил кон крајот на октомври. Оттогаш па наваму за нив се обезбедени бесплатни автобуски карти.
„Користеа автобуси, сопствени превози со некој од фамилијата.. Навистина ова е проблем за пациентите со влошена здравствена состојба коишто не можат да го користат јавниот превоз, автобусите“, изјави Душко Георгиевски, здружение „Нефрон“.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски вината ја лоцираше кај минатото раководство.
„Поради чудни околности е донесена одлука спротивно на правилници и закони да се користат услуги на такси компании во минатото, иако корисниците на дијализа имаат бесплатен превоз, имаат и дневници дури итн“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за здравство Арбен Таравари не беше запознаен со деталите за состојбата и најави дополнителни информации.
„Мислам дека концесионерот треба да го покрие транспортот на пациентите“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Инаку покрај предизвикот со транспортот на бубрежно болните, периодов голем товар падна на поранешната Воена болница. Таму изминатите девет месеци се вршеа голем број операции, зашто крахираше компресорскиот систем во Клиничкиот центар, што резултираше со нефункционални операциони сали. Таравари денеска промовираше нов компресорски систем во Клиничкиот центар, но најави и зајакнување на „Осми септември“.
„Клиничка болница треба и е „8 Септември“, меѓутоа треба да се дадат повеќе ингеренции и мислам дека „8 Септември“ треба да остане како и до сега добар бекап за Клинички центар“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Министерот потврди дека во „Осми септември“ ќе се инвестира, бидејќи во меѓувреме власта ја стави на пауза идејата за изградба на нов Клинички центар.
