Во Охрид се одржаа средби на високо ниво во рамки на Форумот во Преспа за дијалог. Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски одржа средба на тема Повторно воспоставување на синергијата ЕУ- САД кон Западен Балкан. Тој зборувајќи за Западен Балкан рече дека на хартија имаме 18 милиони жители на Западен Балкан, но дека реално 4 милиони не се тука.
Акцентот го стави на бегањето млади кадри од земјава. Пендаровски рече дека доколку ваквиот тренд продолжи и следните 5,10 години нема да имаме кадар за развој на економијата во земјава.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ рече дека ЕУ не му посветува внимание на Западен Балкан иако, како што рече, државите од Балканот доволно жртвувале на патот кон ЕУ.
„Јас мислам дека ЕУ не посветува доволно внимание на геополитичката важност на Западен Балкан. Сите забораваме што ни донесе политиката на проширување како во Централна Европа така и во Источна во ’90-те години, ги забораваме и многуте политички кризи кои ги помина Европа во поновата историја од почетоците на Западен Балкан“, истакна Мило Ѓукановиќ.
Но Филип Рикер, заменик помошник на САД за Европа и Евроазија мисли поинаку од Мило Ѓукановиќ. Тој вели дека Западен Балкан е важен за САД и ЕУ.
„Што се однесува до Балканот, тој е посебно важен две децении, визијата и соработката на САД со ЕУ за Западен Балкан поттикна форми кои помагаат во усвојување на заеднички вредности во трансатлантската заедница. Самиот процес на евроатлантска интеграција ги постави темелите за мирен економски развој“, посочи Филип Рикер.
Јоханес Хан, екс комесар за проширување на ЕУ вели дека преговорите ќе почнат, но прво треба да се почитува владеењето на правото и да се почитуваат законите.
„Преговорите ќе почнат, меѓутоа треба да ви е јасно дека владеењето на правото е неопходно, ние не гледаме отворање на поглавјето членките кандидати кои веќе преговараат со ЕУ за пристап и пристапување. Точно е дека имаме застој во врска со настаните и владеењето на правото и законите“, вели Јоханес Хан.
Хан му одговори и на претседателот Пендаровски во врска со загриженоста од бегањето на младите. Тој рече дека се свесни за ова но рече дека не е потребен само дијалог туку дека треба државите од Западен Балкан зборовите да ги претворат во дела.
