Шефот на државата на почетокот на своето годишно обраќање кон јавноста, беше пречекан со транспаренти на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Идентитетот се продава Стево молчи, Претседател со купени гласови, Стево слуга на Заев, се само неколку од пораките испишани на транспарентите. По неколку минути, тие ја напуштија салата, а Пендаровски продолжи да говори пред пратениците од владејачкото мнозинство. На почетокот претседателот на државата тој изрази сочувство до семејствата со едноминутно молчење на сите оние кои ги загубија животите како последица од Ковид 19.
„Сите ги паметиме мачните сцени дури и во некои од најмоќните држави во светот каде што луѓето чекаа пред вратите од болниците во кој немаше слободен кревет. Пандемијата изврши огромен притисок врз нашиот здравствен систем но секоја објективна анализа ќе покаже дека државата генерално ја менаџираше состојбата на пандемијата на рационален начин.“, рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека оваа 2020 станавме полноправна членка на НАТО но и дека и покрај попречувањето на почетокот на преговорите остануваме на патот на Европската унија. За отворените проблеми со Бугарија нагласи дека правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик се одамна завршени историски процеси и за тоа нема потреба од договарања на лидерски средби.
„За мене е несериозно да се соберат релевантни политички партии и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања и денес и во иднина затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава.“, изјави Пендаровски.
Во овој процес, рече тој не изостана огромната поддршка од Албанците во државава, која не е само од сега туку и од времето кога преговаравме со Грција. Поинаку, не може да биде затоа што нашата држава е заедничка куќа на сите.
„Бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 90-тите преговаравме со Грција дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странски емисари затоа што знаевме дека зад себе имаме усогласена државна позиција.“, рече претседателот.
Тој упати апел пописот кој треба да се одржи идната година да не се политизира, туку да се гледа како статистичка операција, рече дека наредната година фокусот треба да се насочи на враќање на правната држава преку реформи во судството, борбата против криминалот и корупцијата, подобрување на економскиот стандард. Како што го започна обраќањето така и го заврши посакувајќи им на граѓаните здравје со апел до граѓаните за празниците посебно да се придржуваат до мерките за да имаме помалку заразени и смртни случаи.
