Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста, денеска се обрати на централната прослава „30 години независност“, што се одржа пред Собранието на Република Северна Македонија.
Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите, порача претседателот Пендаровски на централната прослава.
„Да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток, без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, истакна Претседателот.
Тој во обраќањето ги посочи неговите гледишта за иднината, за тоа што треба да правиме во наредните години и децении за да имаме побогата и подостоинствена живејачка.
„Да се почитуваме малку повеќе меѓу себе, да разбереме дека поинаквиот од нас не е наш непријател, дека политиката е борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не борба на живот и смрт. Ако успееме да се помириме и да го канализираме целокупниот наш потенцијал никој нема дилема дека овој народ има сили, има знаење, има енергија, имаме паметни млади луѓе кои ќе знаат да си ја доуредат државата“, рече претседателот Пендаровски.
Во обраќањето, тој истакна дека треба да вложуваме во квалитетно образование, да инвестираме во здравствениот систем, да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација уметници кои не се подолу од врвните во светот.
„Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови“, порача претседателот Пендаровски.
