Сите речиси 345.000 пензионери ќе добијат по 1.000 денари зголемување на пензијата во септември и уште по една илјадарка во март, или вкупно 2.000 за шест месеци. По многу дилеми, дали усогласувањето да биде процентуално или линеарно по иста сума за сите без разлика колкава пензија земаат, премиерот пресече.
Мицкоски во телевизиско интервју вчера кажа дека анализите се во завршна фаза, и ќе се брза законското решение да се донесе пред 8 август кога треба да се распишат локалните избори.

„Правиме анализа да линеарно се зголемат пензиите по 1.000 денара сега на есен, октомври кога ќе ја земаат пензијата и во април за март практично, односно 2.000 да има зголемување линеарно за сите пензионери во рамките на следните 6 месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро од денеска, бидејќи тоа мора да се случи пред распишувањето на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници ќе го поднесеме тоа до, бидејќи тоа е барање на пензионерите“, вели Христијан Мицкоски.
Линеaрно усогласување со протест пред Влада деновиве побараа од Здружението на пензионери за достоинствен живот. Рекоа дека тоа го бараат над 190.000 пензионери во земјава, кои се со пониски пензии.

„Ние остануваме како пензионери кои што сме повеќе, туку 245.000 кои што земаат до 24.000 денари, просечната пензија во Македонија и затоа сакаме ако се пресметката на пензиите прави по основ на буџетот, животните трошоци што се покачуваат еве ќе го кажам како пример има 1 милијарда во буџетот што треба да се подели по животни трошоци на сите пензионери таа милијарда да им се распореди. Ако е 500 денари 500, ако е 700- 700,ако е 1.000 денари 1.000 денари на сите пензионери“, вели Трајче Станојков.
Од Сојузот на здруженија на пензионери со спротивен став. За нив беше прифатливо законското усогласување, односно секој пензионер да добие одреден процент во зависност од висината на пензијата.

„Најавата за повторно линеарно усогласување на пензиите сериозно упатува на потреба од темелни реформи на пензискиот систем. Да се надеваме дека работната група формирана за реформи во пензискиот систем ќе подготви соодветна правна рамка која ќе одговара како за постојните така и за идните пензионери“, вели Станка Трајкова.
Дека анализите за реформата на пензискиот систем се при крај во разговор за ТВ 21 потврди заменик министерот за труд Велковски. Вели дека сите параметри укажуваат дека линеарното зголемување кое го добија пензионерите на два пати по 2.500 денари покажало добри резултати. Но во која насока ќе оди реформата, ќе се знае наскоро.

„За жал тој процент како што е направена сегашната методологија колку вработени требаат за сметка на тоа колку пензионери треба да бидат издржувани во овој момент како сама одржливост на системот е навистина во бројка сооднос 1 према 1,5 и тоа статистички нели го знаеме сите. Затоа и максимално работиме преку многу од мерките како Влада“, вели Ѓоко Велковски.
Во мај во земјава имало 344.796 пензионери. Просечната исплатена пензија била околу 26.000 денари, но најголем дел од пензионерите се далеку под тој просек. Пензија над 1.000 евра земале околу 3.200 пензионери. А највисоката пензија изнесувала 88.000 денари, ја зеле 18 лица.
