Во текот на целиот свој живот работел вкупно 41 година, додека сега зема пензија од само 21 илјада денари. Абдилризак Рустеми вели дека оваа пензија не му е доволна, а вели дека неговите пријатели се во полоша состојба. Според него, има пензии од 13 илјади денари.
-Ние како пензионери протестиравме и баравме повеќе пензија но никој не доби. Секој ден одите на пазар, работите се се поскапи, ниту еднаш не слушнавме за пад на цената. Секогаш сме барале покачување. Отидовме и во Скопје пред министерството, дури и со автобус, и никој не дојде ни да не праша што бараме, што ни треба. Зборуваа неколку луѓе и дојдовме, тоа е тоа. Под 30.000 не се може, месецот не можеш да го поминеш, добивам 20.000 ама не можам, 13.000 струја ми дојде, што да правам-вели Алдилризак Рустеми.
Техничкиот министер за труд и социјална политика денеска беше во пензионерскиот центар во Тетово. Тој рече дека денеска ги слушнал барањата, а по 8 мај ќе ги анализира.
Претседателот на Здружението на пензионери од Тетово рече дека пред избори политичарите даваат ветувања, а потоа ги забораваат.
-Без промена на законот за пензии не е можно да се исполнат нашите барања, како линеарното зголемување на пензиите, бидејќи законот предвидува само процентуално зголемување. Мислам дека ќе има позитивни промени, но да видиме. Кога има избори доаѓаат функционери, имало и пари и ветувања, но ветувањата остануваат ветувања-вели Селвер Мемети.
Тетовските пензионери имаат ниски пензии бидејќи повеќето од нив работеле во текстилни фабрики.
