На нивниот меѓународен ден, пензионерите не го дочекаа со внуците ниту во парк на прошетка, излегоа на улица на протест.
Пред влада побараа линеарно покачување на пензиите за 3500 денари и минималната пензија да биде еднаква со минималната плата.
„Се собравме пред влада бидејќи не занемаруваат, ни ги кршат правата, не ни ги покачуваат пензиите. Не бараме ништо друго, бараме линеарно покачување од 3500 денари. Не бараме разрешувања туку покачување на пензиите. Минималната пензија треба да биде 20 илјади денари“, вели Исмаил Лика.
Исто така бараат измена на методологијата за пресметување на пензиите.
Од Синдикатот на пензионерите базирајќи се на податоците од ДЗС и Пензискиот фонд, велат дека минималната пензија за јуни била 34% односно 12.493 денари од просечната нето исплата, а доколку би била 45% тогаш би изнесувала 16.437 денари.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска завчера соопшти дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози за пензиите, во фокусот се пензионерите со најниски месечни примања.
