Багерите го израмнуваат дворот на средното училиште „Арсени Јовков“ во Скопје. Жителите загрижени дека во оваа населба ќе никне уште една зграда. Но, всушност тука ќе се изградат две перални за автомобили и паркинг.
„Во дворот на средното училиште „Арсени Јовков“ во општина Бутел ќе се изгради Перална за автомобили. Сопственикот не сакаше да зборува пред камерата, но телефонски ни рече дека целата документација е во ред и дека добил дозвола од Град Скопје.“, јавува репортерот на ТВ21.
Изградбата ќе заврши за два месеци, вели концесионерот. Директорката на училиштето Марија Дренковска Стојановска вели дека изградбата на перални за автомобили и паркинг нема да го попречат развојот на образовниот процес. Првично се согласи да даде изјава пред камера, но потоа се премисли. Одговорот го добивме во писмена форма.
„Дел од просторот е предвидено да биде поплочен со бекатон плочки за паркинг простор, во дел од просторот ќе бидат поставени монтажни вапови за перење возила, а останатиот простор ќе биде хортикултурно уреден. Закупецот е должен на своја сметка да ги обезбеди сите потребни согласности- дозволи од страна на надлежни органи, како и да ги исполнува сите обврски согласно договорот, во спротивно истиот ќе биде раскинат.Цената во договорот за закуп изнесува 18,66 денари/м2 или 12.260,00 денари месечно за секоја парцела одделно.“, рече Марија Дренковска-Стојановска, директорка на СУГС „Арсени Јовков.
Жителите на оваа област бараат во дворот на училиштето да има спортски терен, а не објекти од кои учениците немаат никаква корист. Но, директорката вели дека овде е предвиден и спортски терен. Ова не е единственото училиште во чиј двор се гради деловен објект. Во дворот на едно училиште во Чаир се отвори бизнис за перење теписи, а во друго училиште се отвори продавница за цвеќиња.
