Перински: Нема известување за оставка од градоначалникот на Карпош, сè друго се шпекулации

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека до Министерството нема доставено никакво официјално известување за евентуална оставка од градоначалникот на Општина Карпош и оцени дека јавноста во изминатите денови била изложена на шпекулации.

„Точно е дека си изначитавме сè и сешто во изминатите денови, но сето тоа е базирано на шпекулации. До овој момент, јас одговорно тврдам дека во рамките на Министерството за локална самоуправа, од страна на Општина Карпош, немаме добиено никакво известување во делот на некаква потенцијално поднесена оставка од страна на градоначалникот“, рече Перински.

Тој појасни дека именувањето заменик-градоначалник од редовите на советниците е законска можност што ја користат градоначалници од сите политички партии во државата и дека во конкретниот случај нема ништо спорно.

„Оваа можност за именување заменик-градоначалник од редовите на советниците ја користат сите градоначалници во Македонија, без исклучок. Тоа е уредено со закон. Треба да ја констатираме фактичката состојба која во моментот се случува во Општина Карпош. Градоначалникот именува негов заменик од редовите на советниците и тука нема ништо спорно“, истакна министерот.

Перински оцени дека дел од политичките структури и поединци непотребно создале вознемиреност кај граѓаните на Карпош со пласирање различни сценарија во јавноста.

„Мене ми е многу жал што одредени политички структури или индивидуалци растураа пердуви во медиумите во изминатите неколку дена и на тој начин создадоа една непријатност кај граѓаните на Општина Карпош“, рече тој.

Според Перински, најважно е што општината функционира нормално и ги извршува своите обврски кон граѓаните.

„Главната суштина е следна – Општина Карпош функционира и во моментот испорачува услуги кон граѓаните. Сè останато е имагинарна ситуација. Дали ќе поднесе оставка, дали ќе се врати – тоа во овој момент е ирелевантно. Фактичката состојба е таа и по неа треба да се работи“, порача Перински.