Перпарим Бајрами излегува од притвор со гаранција од над 1 милион евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе биде ослободен од притвор откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Одлуката е донесена по барање на одбраната за замена на мерката притвор со гаранција во предметот „Лотарија“.

Од Судот информираат дека, покрај прифатената гаранција, на обвинетиот му се определени и дополнителни мерки за претпазливост. Ќе му биде одземена патната исправа, нема да смее да добие нова исправа за преминување на државната граница, а ќе има и обврска редовно да се јавува во Судот.

Против решението јавниот обвинител и останатите странки во постапката се откажале од правото на жалба, поради што одлуката денеска станала правосилна.

Бајрами е обвинет за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, за кое е предвидена затворска казна до пет години. Обвинителниот предлог против него бил поднесен на 13 август 2026 година, а притворот му бил определен по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, бидејќи претходно не им бил достапен на органите на прогонот.

Според образложението на Судот, законскиот рок за траење на притворот во конкретниот случај не може да биде подолг од 60 дена. Бајрами на 9 септември сам се пријавил за издржување на мерката во затворот во Скопје, а рокот истекува на 8 ноември.

Од Судот посочуваат дека неговото ослободување ќе следува откако гаранцијата ќе биде обезбедена со впишување хипотека во Катастарот на недвижности.