Пешаците и возачите на мака со недопирливите?! – И Касами прашува зошто овој хаос, полицијата вели дека казнува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали е време на недопирливите и на нефункционирањето на законот, институциите, полицијата или пајак службата?

Ова е реалноста во Тетово! Пешаците, но и возачите секојдневно мораат да се справуваат со автомобилите кои зафаќаат пешачки премини, семафори, кружни текови и раскрсници.

Снимките кои ги гледате се направени за само неколку минути и тоа само во еден дел од градот.

Го прашавме градоначалникот дали е време на недопирливите или не функционираат властите кои треба да го регулираат овој хаос. Ни тој не знае! Вели дека секој ден прашува во полиција и во претпријатието за паркинзи.

„Ова прашање секојдневно го поставувам и до Претпријатието за паркинзи и до полицијата и тие ме демантираат, ова можеме и да го преземеме како акција затоа што тоа е потреба на сите граѓани и ваша и моја, како новинар, како градоначалник, како граѓанин, го практикувавме. Можеме да го забрзаме заедно со вас, да излеземе еднаш неделно и да ги констатираме и заедно со вас да видиме каде е проблемот кај полицијата, претпријатието за паркинзи, но нема упаство од општина Тетово дека на некој му е земен автомобилот а на некој да му се дозволи“, вели Биљал Касами.

Од Секторот за внатрешни работи во Тетово велат дека полицијата ги санкционира оние кои паркираат на места каде што не треба, а се фалат со бројките за ланските казни.

„Во текот на 2024 година во Тетовско изречени се 5300 казни, исто така преку општинската пајак служба се земени 3200 возила кои директно го попречувале сообраќајот и против нив се изречени соодветни пријави“, вели Фатмир Реџепи.

Во Тетово се случува и автомобилите да се паркираат на главните булевари, иако тоа не е дозволено, но ниту полицијата ниту општинското претпријатие не преземаат нешто поради недостиг на паркинг места. Општината располага со три пајак возила, но ниту тие не го решаваат проблемот со лошото паркирање во градот.