Пет активни пожари во земјава, огнената стихија зафати и подрачја во Илинден и Сарај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пет пожари на отворен простор и натаму се активни во земјава, додека еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати. Ова го соопшти Центарот за управување со кризи во пресекот на состојбата до 13 часот денеска, 24 август.

Најголем пожар е регистриран на подрачјето меѓу општините Студеничани и Зелениково. Огнот се движи на релација Моране – Вртекица – Рамни Габер, со крак кон Палиград и Вражале, а зафатена е мешана шума.

Активен пожар има и во Општина Македонски Брод, кај Драгов Дол, местото Видуш и во близина на Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Два активни пожари се регистрирани и во Општина Илинден – во близина на Логистичкиот центар на КАМ и кај селото Бујковци, каде гори ниска вегетација.

Петтиот активен пожар е во Општина Сарај, во близина на селото Бојане, каде е зафатена шума.

Под контрола е ставен пожарот во Општина Кичево, кај селото Тајмиште и местото Дарда, каде горела високостеблеста букова шума.

Во текот на денот се изгаснати осум пожари. Во Струмица и Куманово горело ѓубре, додека во Василево пожарот зафатил ниска вегетација и отпад.

Пожари се изгаснати и во Делчево, кај селото Бигла, каде гореле борова и дабова шума и ниска вегетација, како и во Јегуновце, кај Туденце.

Во Гостиварско се изгаснати два пожари – кај Горна Ѓоновица и кај Чајле, додека во Врапчиште пожарот бил регистриран кај селата Ломница и Ѓерѓевиште, каде била зафатена мешана шума.

Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата на теренот, особено во подрачјата каде пожарите и натаму се активни.